👁️  12

Физибилити студијата со која се правда потребата за основање на три нови друштва за приредување интернет игри на среќа е потпишана од неовластен проценувач, открива Плусинфо. Медиумот консултирал стручни лица и експерти кои работат на вакви студии за да добие прецизни информации како и на кој начин е направена студијата и дали истата „држи вода“.

Според експертите, анализата на пазарот која треба да е една од клучните основи во секоја физибилити студија е оскудна, без релевантни извори на информации, наведени се низа паушални вредности и има целосна неконзистентност во изјавите. На пример, наведено е дека големината на пазарот на глобално ниво во 2021 година е 57,54 милијарди долари, се очекува раст од 11,7%, а подоцна во истата студија се наведува дека во 2023 година ќе изнесува 70 милиони долари!?

Стручните лица посочуваат дека во студијата изостануваат сите суштински анализи и фази кои треба да ги содржи една ваква сериозна анализа. Така на пример воопшто нема фаза на припрема, односно подготвителни активности и во неа не се наведува што треба да содржи и кој дел од планираните инвестиции и тековни трошоци, нема фаза на реализација на проектот ниту фаза на ефектуирање. Исто така ја нема последната значајна фаза, а тоа е фаза на приклучување во систем.

Според објавените информации финансиските анализи се исто така во голема мера погрешни и непрецизни.
„Во изготвените проектирани финансиски извештаи во студијата, основните претпоставки се паушално изразени, без повикување на извор на информации, без анализа на историски податоци, без презентирани компаративи и споредливи податоци, како и без наведување на никакви пазарни показатели.“ – вели еден од експертите консултиран на темата.
Истражувањето покажа дека физибилити студијата на новата видеолотарија формирана со амин на Артан Груби, ја изготвила и потпишала извесна Благица Сотировска. Таа е потпишана како изготвувач на Физибилити студијата за основање на три друштва за приредување на игри на среќа во Мај 2023 година. Лицето Благица Сотировска е проценувач од областа на Недвижен имот и трговско друштво, јавно претпријатие и други правни лица, меѓутоа не е овластен проценувач. Овластен проценувач е „Друштво за ревизија,проценка и финансиски консалтинг ЕЛИТ Данче ДООЕЛ Скопје“, каде што Благица Сотировска е вработена како проценувач. Согласно наведеното, проценувач ја има изготвено физибилити студијата, а не овластен проценувач, иако самата физибилити студија од страна на Благица Сотировска е потпишана како овластен проценувач. Во регистарот на овластени проценувачи од областа на Недвижен имот и трговско друштво, јавно претпријатие и други правни лица, воопшто не е наведена Благица Сотировска, туку правното лице каде што е вработена. Со тоа се заклучува дека неовластен проценувач ја прави физибилити студијата што е спротивно на законот.

Анализата открива дека Благица Сотировска во студијата е потпишана како овластен инвестициски советник. Но, на интернет страницата на Комисија за Хартии од Вредност, во регистарот на инвестициски советници нема такво лице. https://www.sec.gov.mk/ucesnici

Според добиените податоци од истражувањето Благица Сотировска е исто така потпишана како ревизор, но во регистарот на ревизори и во регистарот на овластени ревизори, исто така, нема такво лице. https://iorrm.org.mk/registers

Скандалите очигледно не прекинуваат и нема да прекинат се додека конечно не се истражи овој случај од страна на истражните органи кои засега молчат и не реагираат. Неодамна други медиуми објави низа скандали во однос на други спорни постапки, јавни набавки и договори кои ги склучила новата Лотарија формирана од Владата во текот на летото, која очигледно одма се зафатила со многу работа. И додека јавно Груби и ДУИ се залагаат за намалување на штетните последици од игрите на среќа, во позадина дебело ќе се офајдат од овој бизнис притоа кршејќи низа закони за кои апелираат здруженијата на лиценцирани приредувачи со месеци наназад. СДСМ пак во целата оваа ситуација е во глувчешка дупка. „Очигледно дека сите заедно од власта имаат интерес за ваквите спорни постапки да се избуткаат до крај“- велат познавачите на индустријата за игри на среќа во објавената анализа.