ЕВН после триумфалниот влез во Арачиново, кој министерот Бектеши го најави како светско чудо, информира дека има огромни кражби на електрична енергија, но најнапред мора да се увидат точните места, да се увидат дефектите, уништените средства и потоа да се пристапи кон прецизирање на планот за реконструкција на мрежата која веројатно ќе треба да се реализира речиси во целост, што пак ќе трае долго, со месеци, велат од ЕВН, но посочуваат дека на нивните вработени „не им давале“ во Арачиново да го остварат досегашниот план во интерес на граѓаните, на целата држава и на ЕВН, велат од компанијата.
На прашањето кој тоа „не давал“, од ЕВН велат дека тоа се жители од ова населено место, кое според загубата (кражба) на струја, е на првото место во Македонија. Тоа е голема сума, се нагласува, која достигна 6 милиони евра, а која ја плаќа целата држава.
И сите граѓани ја плаќаме оваа кражба, забележавме ние, на што од ЕВН потврдуваат дека сме во право.
„Сите ја плаќаме, и скапата но и евтината тарифа од делот на украдената струја“, велат од копанијата.
На прашањето дали се веќе евидентирани точни адреси и лица кои крадат струја и дали ќе бидат поднесени кривични пријави против нив, од компанијата велат дека досега тоа не биле во можност да го сторат, затоа што „не им давале“, но дека сега напорите одат во подобар правец.
Деновиве на терен немаме проблем, велат од ЕВН и додаваат дека најпрво ќе треба да се направат записници за констатираните состојби, со прецизни податоци откако точно ќе се евидентираат местата каде се краде енергија.
Досега имаме констатирано загуба на енергија, односно нефактурирана потрошена енергија која на годишно ниво е во тој износ од 6 милиони евра. Се разбира, еден износ од таа сума е предвидена, односно техничка загуба која секогаш постои низ мрежата, па сепак, нагласуваат од компанијата, тука во најголем дел станува збор за украдена струја.