👁️  4408

Конзорциумот „Бехтел&Енка“ ќе експлоатира минерални суровини на македонската земја каде сака и ќе вади од неа што сака. А дозвола за тоа ќе добива во експресна процедура која трае 14 дена од денот на поднесување на барање. Дали е капитулација на државниот суверенитет тоа што го пропишуваат измените на Законот за минерални суровини? Зошто рок за доделување концесии стриктно се уредува во закон кој се носи во скратена постапка? И при тоа предлогот за измена на Законот за минерални суровини кои се најголемо државно богатство не го бараат стручните служби на надлежното министерство туку 11 пратеници на ДУИ…

Ќе стане ли Законот за јавен интерес и номинирање стратешки партнер за коридорите 8 и 10 посилен од македонскиот Устав? Дали е можно конзорциум изведувачи поточно фирми за изградна на патишта да можат да добијат концесија за експлоатација на државно богатство – минерални суровини во експресен рок од 14 дена откако ќе го поднесат барањето? Кога се знае дека тие постапки согласно законите сега траат многу подолго и не мора да завршат позитивно туку барателите може да бидат одбиени.

Зошто некој што има законодавна власт свесно предлага измени на Закон со кој дозволува само Бехтел и Енка да добијат концесија за експлоатација песок, камен и други минерални суровини (без ограничување) во рок од само 14 дена од поднесено барање за концесија? И дали ќе се случи државен орган и Владата да не смеат го одбијат барањето за концесија од „Бехтел и Енка“?

А сите други што сакаат да се занимаваат со оваа регулирана дејност да чекаат концесии во постапки со многу подолги рокови. Зарем не е ова кршење на основни права и начела на еднаквост и рамноправност кои ги гарантира на сите граѓани токму македонскиот Устав?

И дали тука ќе види проблем и ќе реагира актуелниот состав на Уставниот суд предводен од Добрила Кацарска? Нели откако еднаш направија преседан укинувајќи ја уставно загарантираната пазарна конкуренција за да им угодат на „Бехтел и Енка“.

Подолу се детали (пасуси) од предлогот на пратениците, а интегралниот текст е во целост достапен на следниот линк https://sobranie.mk/detali-na-komisiska-sednica.nspx?sittingId=7cb37252-4663-45c7-961d-9b53200254ae

Еве го воведниот дел на измената:

За усогласување на одредбите на овој закон со одредбите на Закон за утврдување на Јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, во кое, помеѓу останатото, бараат надлежното Министерство, кое е предлагач на Законот за минерални сурововини, да ги скрати роковите за доделување на неопходните концесии.

На став 1 од член (40)-а, се додаваат зборовите:европски патни коридори од стратешки интерес; -на став 2 од член 40-а се додаваат зборовите: или инвеститорот врз основа на склучен договор за изградба на европски патен коридор од стратешки интерес;

Еве го делот кога стручните служби се со врзани раце

во став 10 од член 40-а се додаваат зборовите: Доколку барањето се однесува на доделување на концесија за потребите од изградба на европски патни коридори од стратешки интерес органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини е должен во рок од 7 дена од денот на поднесувањето на барањето за добивање концесија од ставот (1) на овој член до Владата да достави предлог одлука за доделување на концесија за експлоатација

Еве го делот во кој Владата само доделува концесија и усвојува предлог одлука за 7 дена

во став 12 од член 40-а се додаваат зборовите: Доколку барањето се однесува на доделување на концесија за потребите од изградба на европски патни коридори од стратешки интерес во рок од 7 дена од денот на доставувањето на предлог одлуката од ставот (10) на овој член, Владата донесува одлука за доделување концесија за експлоатација за изградба на европски патни коридори од стратешки интерес, пренесува Фактор.