👁️  194

Фашизмот во Македонија се враќа на голема врата, тоа е вистинската причина поради која сакаат да ни го одземат имотот, порача раководството на ССМ. Претседателот на најголемата синдикална организација Слободан Трендафилов, побара оставка од претседателката на Врховниот суд, затоа што Судот одлучил да им го одземе Работничкиот дом во Скопје, спротивно на дузина пресуди во минатите децении. Судиите од Врховен процениле дека во доцните 50ти години на минатиот век, синдикатите немале доволно пари за да го изградат работничкиот дом, па сега треба да им се одземе.

Од ССМ додаваат дека очигледно власта се обидува да ги дисциплинира, поради протестите кои постојано ги организираат и најавија тужби во меѓународните судови.

„Во Македонија во 2023 година се случува фашизам и е недозволиво. Нападот на Сојузот на синдикати на Македонија е напад на секој еден работник во државата. Обезглавувањето на ССМ, стапнувањето со чизма на вратот на лидерот на борбата на работниците нема да дозволиме да биде стапнување на функционерска чизма во Работничкиот дом. Нема да дозволиме Работничкиот дом кој опстојува повеќе од 70 години, да стане функционерски или судски дом. Ќе се бориме против сите што сакаат да земат од устата на работниците“ – изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Од сојузот на синдикати се сомневаат во улогата и личните намери на претседателката на врховниот суд, бидијќи и во 2005, во улога на заменик народен правобранител, веќе се обидела да им го одземе работничкиот дом.

Тие предупредуваат дека во државата има многу станови, семејни домови и други објекти кои во минатиот систем биле општествен имот, па ако помине овој правен преседан, ќе може да се искористи за на огромен број граѓани да им ги одземат домовите.

„Загрижува тоа што утре, на било кој во ова општество може да му текне да одземе имот што е граден во тој период. Тука се политички партии, разни други организации и правни лица. За жал, оба може да е погубно за граѓаните во државата, ако имаме во предвид дека најголем дел од нашите родители имаат купено општествени станови, во општествени згради. Згради од општествен интерес. Живееме во такви станови. Утре некој ваков корумпиран дусија, суд, може да донесе одлука да ни ги земе нашите домови“ – порача Трендафилов.

Оттаму исткнаа дека овие случувања нема да ги замолкнат и оти ќе продолжат да организираат протести и да се борат за работничките права, а на врховниот суд му објавија војна и порачаа оти претседателката ќе се покае што судскиот совет не ја разрешил.