Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) е повикан на средба во Министерството за транспорт и врски попладне во 17 часот, заедно со директорите на Македонска навигација М-НАВ, потврди за МИА претседателот на ССКЛ Александар Тасевски.
Средбата е во пресрет на штрајкот што Синдикатот го најави за утре од 11 до 17 часот, а во тек на кој нема да ги опслужува полетувањата и слетувањата на Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, додека услугите за прелетите над македонското небо ќе бидат намалени за половина од редовните.
-Од страна на двајцата нови директори има потполна поддршка и разбирање со желба да се надминат проблемите во насока на прифаќање на нашите барања, но претседателот на УО на М-НАВ Фахрудин Хамиди кој е единствен останат од претходната раководна структура, ги „поматува“ и нашите и желбите на другите двајца директори, изјави Тасевски за МИА.
Откако Синдикатот го најави штрајкот поради, како што информираше, „непрофесионално однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања, несоодветните услови за работа и опрема“, од М-НАВ ги отфрлија тврдењата, но завчера се одржа средба, но без позитивен исход.
Според Тасевски, и покрај ветувањата од директорите за нивните барања по средбата добиле текст кој не соодвестувал со договореното, а според М-НАВ, како што кажаа од Службата за односи со медиуми, останува Синдикатот да го потпише записникот од средбата, бидејќи раководството ги исполнило поставените барања.
Клучните барања на Синдикатот се во однос на постапките за вработување, бараат да нема вработувања на друг кадар освен контролори на летање и инженери и техничари, се додека не се направи нова систематизација што ќе биде базирана врз резултатите од студијата што ќе ја подготви консултантска фирма за што се потребни пет до шест месеци.
Струковиот синдикат на контролори на летање доби поддршка за штрајкот и од Здружението на контролори на летање.