👁️  12

ретседателката Гордана Сиљановска Давкова во рамки на посетата на Италијанската Република денеска оствари средба со италијанскиот претседател Серџо Матарела.

На средбата, претседателката изрази задоволство што нејзината прва посета на земја членка на ЕУ и НАТО е на Италија, што претставува потврда за пријателските односи меѓу двете земји и истакна дека ќе се залага за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и интензивирање на севкупните билатерални односи на македонската со Италијанската Република.

Двајцата соговорници разменија мислења за предизвиците на македонскиот евроинтегративен процес при што претседателката упати благодарност за досегашната италијанска поддршка на политиката на проширување на Европската Унија, како и за позитивниот однос при надминување на меѓусоседските спорови при приемот на нови членки во Унијата. Со цел одржување на кредибилноста на процесот на проширување, почитување на меѓународното право и универзалните демократски вредности, претседателката Сиљановска Давкова изрази надеж дека Италијанската Република и во иднина ќе го поддржува мериторниот процес на исполнување на Копенхагенските критериуми во однос на евроинтеграциите. Воедно, таа изрази подготвеност за соработка со цел доследна реализација на сите неопходни реформи во клучните области кои беа нотирани од страна на Европската Комисија.

Како НАТО сојузници, на средбата беше потврдена подготвеноста за продолжување на одбранбената соработка и меѓусебна поддршка во однос на надминување на актуелните безбедносни предизвици на европскиот континент. Во таа насока, беа разменети мислења околу политичките состојби и отворените прашања на Западниот Балкан, коишто се од интерес за безбедноста и стабилноста на поширокиот регион.

Посочувајќи дека Италија е наш значаен трговски партнер, претседателката Сиљановска Давкова искажа интерес за засилување на постоечките и изнаоѓање на нови можности за продлабочување на економските односи и проширување на соработката во областа на туризмот, политиките за млади и спорт, како и на креативната индустрија.

Претседателката Сиљановска Давкова во изјава за медиумите ја оцени средбата како плодна и конструктивна, на која претседателот Матарела ја потврдил заложбата на Италија да го поддржува регионот и да нè поддржува нас во секој поглед, не само во евроинтеграциите туку и во економијата, образованието, културата, одбраната, како и италијанското и нашето членство во меѓународни организации.

„Јас побарав од италијанскиот претседател и од Италија, на нашиот натамошен пат да помогнат околу давање гаранции, гаранции за нашата европска политичка иднина, на што тој одговори дека е спремен да застане зад нас, се разбира во барањето на решенијата со соседите, рече претседателката Сиљановска Давкова, нагласувајќи дека италијанскиот претседател изразил длабоко разбирање за направените жртви во процесот на евроинтеграциите.

„Постигнавме согласност или се согласивме дека европските стандарди треба да се почитуваат од сите и од оние надвор, како нас, но и од оние внатре“, истакна претседателката Сиљановска Давкова по средбата со италијанскиот претседател Матарела.

Претседателката Сиљановска Давкова престојува и ја предводи државно-црковната делегација во посета на Италијанската Република и Светиот Престол по повод манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“.