👁️  187

Екстремно-десничарската Алтернатива за Дојчланд (AfD) ќе се заложи за референдум во стилот на Брегзит за членство во ЕУ, доколку дојде на власт, изјави лидерката на партијата Алис Вајдел, поздравувајќи го излегувањето на Обединетото Кралство како сосема правилен потег.

„Тоа е модел за Германија, опција за да може да се донесе таква суверена одлука“, рече Вајдел во интервју за „Фајненшл тајмс“.

„Но, ако реформите не се можни, ако не успееме да го обновиме суверенитетот на земјите-членки на ЕУ, треба да ги оставиме луѓето да одлучуваат, исто како што направи Велика Британија. И би можеле да имаме референдум за Дексит – излегување на Германија од ЕУ“, кажа Вајдел.

Вајдел зборуваше во контекст на зголемување на поддршката за АфД, која според анкетите изнесува 22 отсто – што е повеќе од сите три партии во несигурната коалиција на канцеларот Олаф Шолц – социјалдемократите, зелените и либералите.

Германската разузнавачка агенција укажа на екстремизмот во рамките на АфД и постави неколку партиски функционери под надзор.

Протести против АфД се одржаа во бројни германски градови, а политичарите укажаа на опасноста што партијата ја претставува за германските демократски институции.