👁️  19

Во споредба со претходната учебна година, стартот на оваа е поуспешен, изјави министерот за образование и наука Јетон Шаќири прашан за оценка за почетокот на учебната 2023/2024 година со оглед на доцнењето на учебниците за шесто одделение и нејаснотиите околу спојувањето неколку предмети во ова одделение.

-Во период од една година успеавме во основното образование да одобриме и истовремено да печатиме и доставиме до училиштата повеќе од 50 наслови на учебници. За оваа учебна година ги завршивме сите постапки во рок од девет месеци од доставување на сите нови (наставни) програми за трето одделение, изјави Шаќири, одговарајќи на новинарско прашање во Регионалниот центар за стручно образование и обука „Киро Бурназ“ во Куманово, кој денеска го посети заедно со премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот соопшти дека на 7 септември е наредниот состанок на Националниот совет за учебници и тогаш, рече, ќе бидат одобрени и последните учебници за шесто одделение кои чекаат на одобрување и потоа веднаш ќе се испечатат.

-Исто така, оваа учебна година имаме постапка и за дигитални скратени помошни материјали кои покрај печатени учебници во најбрзо време ќе ги имаат сите основци. Во средното образование, во период од една година, а по повеќе од 20 години, има печатени учебници во стручното образование. За една година одобривме повеќе од 150 наслови, а и натаму треба да продолжи одобрувањето, рече Шаќири.

Посочи дека пред 30 дена до училиштата и нивните раководства од МОН се доставени упатства како треба да се организира наставата во однос на спојувањето предмети, за што, како и вчера, повтори дека се работи само за шесто одделение во кое, согласно новата концепција, по предметот Општествени науки првпат се спојуваат предметите Историја, Географија и Граѓанско образование.

-Тоа се однесува само на шесто одделение, што значи дека Географија продолжува како предмет во седмо, осмо и во деветто одделение. Најдено е решение како да се организира наставата за да нема проблеми во распоредите и кажани се сите чекори. Со синдикатот ќе разговараме и како тоа да се реши во платата. МОН е отворено за секој што смета дека концепцијата треба да се унапреди или да се коригира. Ги повикувам сите – освен што објавуваат за проблеми, нека достават и предлог-решенија, сериозно ќе ги разгледаме сите. Знаеме дека беше потребно реформа во основното образование, таа реформа се одвива, во добра насока е, но потребни се некои корекции за да биде подобра во наредниот период. Сите заедно може да придонесеме таа да биде поуспешна, рече Шаќири.