👁️  1216

Семејството на киднапираниот внук на Љубе Бошковски апелира до киднаперите да го ослободат Самоил.

Каде и да е Самоил, што и да се случило, ве молиме ослободете го. Пуштете го да си дојде дома, ние дење и ноќе сме будни, го чекаме да се врати – со овие зборови, во име на целото семејство, им се обраќа на киднаперите Виолета Бошкоска, тетка на киднапираниот Самоил Костадиновски, од кого нема никаква трага дванаесет дена.

За „Фокус” Бошкоска вели дека целото семејство живее во агонија. И мајката на Самоил, која живеела во Бугарија, по настанот се вратила во Македонија и на сите им преостанувало да чекаат и да се надеваат дека тој жив и здрав ќе се врати.

-Многу боли кога знаеш дека некој од твоите го нема, а ти си немоќен! Постојано плачам, дење и ноќе сме будни, чекаме да се појави на вратата, да дојде… Денес ангажиравме адвокат да влезе во списите, да види што се случува, така да сме барем во контакт со истрагата. Но сепак, сметам дека се направија големи пропусти во истрагата, се дозволи киднаперите да го запалат автомобилот – вели Бошкоска.