👁️  12

Неколку пати почнува таа изградба, ќе видиме како ќе се развива. Но, она што е важно да се каже е дека секогаш кога Демократската унија за интеграција е фатена во криминал или во процес за кој што постои основано сомневање за криминал, тие тогаш се обидуваат да ја спинуваат целата таа процесна активност и да велат дека тоа е поради етничката припадност, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Свети Николе одговарајќи на новинарски прашања каде што беше прашан за коментар за изборот на компанијата донатор на ДУИ, „Еуровиа“ за главен подизведувач на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за изградба на Коридорот 8 и дел од Коридорот 10Д на кој што денес почнаа градежните активности.

На коментарите на власта дека нападите на целокупната јавност за изборот на фирмата „Еуровиа“ дека се работи за напади по национална основа, Мицкоски рече дека криминалот нема боја ниту етничка припадност, и деак во конкретниот случај за кој постојат основани сомневања за сторен криминал се вклучени лица припадници на различни етникуми во Македонија.

Мицкоски додаде дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ сериозно ќе го истражи сето ова што се случува и за кои постојат основани сомневања за сторен криминал и ќе се погрижи за секој украден денар да се одговара пред лицето на правдата.

„Напротив, не само што тука нема етнички разлики, туку можам да кажам дека во овој криминал, за кој што постои основано сомневање дека е криминал, здружени се припадници од различни етникуми во Македонија, вклучително и луѓе кои што се дел од македонскиот народ, албанскиот и останатите етникуми во Македонија. Криминалот нема боја, нема етничка припадност и, повторно ви кажувам дека, сето ова кое што се случува ќе биде сериозно истражено од страна на следната влада на ВМРО-ДПМНЕ и еден фенинг, еден денар да е украден, верувајте ми на зборот дека, тој кој што тоа го сторил тоа ќе биде изведен пред лицето на правдата“, рече Мицкоски.