👁️  642

Изминативе денови владее голема паника меѓу спортистите, клубовите и националните федерации предизвикана од шпекулацијата за укинување на спортскиот ваучер, барем според начинот на кој досега функционираше, а која „Спорт1.мк“ може и официјално да ја потврди како точна откако го „прочешлавме“ предлог-законот за измени во Законот на данок на добивка.

Членот 5 од предлогот само кусо и без објаснување предвидува бришење на членот 30 од Законот, во кој детално и јасно беше утврден начинот на кој спортските субјекти можеа да ги наплатата спортските ваучери од фирмите, кои за тој износ добиваа намалување од данокот на добивка кој инаку треба(ше) да го платат на државата. Според новата верзија на оваа законска легислатива, вакво олеснување повеќе нема да постои, што значи укинување на принципот според кој во првите години во спортот влегуваа неограничена сума пари, а потоа, откако таа беше ограничена, се инјектираа по шест милиони евра, односно подоцна и по 10 милиони евра.

Распределбата на тоа кој колкава сума треба да добие ја вршеше Агенцијата за млади и спорт (АМС) на предлог на националните федерации, а според претходно определен правилник за бодување. Во предвид се земаа нивото на натпреварување, бројот на репрезентативци кои носеа плус поени, но и странски спортисти кои се впишуваа во минусното салдо, како и постигнатите успеси и тоа дали субјектот се натпреварува и на меѓународна сцена.

Ако се усвои овој предлог за измена на законот, што сигурно ќе се случи, тоа значи дека системот на спортски ваучери ќе прекине, а дали ќе згасне се очекува наскоро да се дознае. Спортистите, кои во моментов се држат за глава бидејќи без парите од државата тешко дека ќе преживеат барем половина од клубовите и индивидуалните натпреварувања, се надеваат дека ова е само чекор кон префрлање на новиот систем најавен од министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Ваучерите ќе се реализираат преку програма на влада, директно како поддршка од буџетот. Институцијата што ќе го реализира тоа дополнително ќе се прецизира преку законот“, изјави меѓу другото тогаш министерот за финансии.

Паниката и покрај овие зборови се уште е голема, бидејќи дваесетина дена откако беше дадена оваа изјава нема никакви најави како, преку кого и што е најважно, колку пари ќе влезат во спортот од следната година според системот со спортски ваучери. Актерите на теренот се исплашени дека ако не без целата сума, тогаш ќе останат без поголем дел од парите кои сега ги добиваат, а истовремено наместо од своите способности ќе зависат од милоста на администрацијата и од нивната способност да го наплатат данокот за да може да го префрлат на нивна сметка тоа што им следува.

Ваквата најава, секако ако биде спроведена на дело, ќе биде разочарувачка за одреден број „продавачи на магла“, кои се појавија во последните години, а за кои јавна тајна беше дека учествуваат во реализација на ваучерот на клубовите кои имаа проблеми со тоа, но за одреден процент. Владата на овој начин сака ваквите криминалци да ги остави без работа, односно парите од буџетот да се внесат директно кај спортистите без претходно да се „проретчат“ низ џеповите на разни посредници. А дали на крајот жртви ќе бидат и спортистите, ќе треба да покажат следните акции на задолжените за решавање на ова прашање.