👁️  971

Компанијата „Тинекс“ која управува со синџирот истоимени маркети во државата и е една од најголемите во сегментот на малопродажба, денеска демантираше дека е во било какви преговори за нејзинот преземање од друга компанија.

„Ниту ‘Тинекс’ маркетите, ниту компанијата е во преговори со потенцијални купувачи, а уште повеќе дека дошло и до договор за купопродажба. ТИНЕКС-МТ ДООЕЛ Скопје којa управува со ‘Тинекс’ маркетите и понатаму останува со единствениот сопственик Владимир Тодоровиќ“, се вели во реакцијата на компанијата до медиумите.

Од компанијата велат дека демантот доаѓа по објавената вест на порталот Shqipmedia на 20.9.2022 со наслов дека е постигнат договор за купопродажба на синџирот супермаркети „Тинекс“ од страна на компанијата „Вива Фреш“.

„Веста која ја пренесоа многу македонски портали без да нè прашаат да ја потврдиме или демантираме, создаде збунувачка атмосфера во јавноста, меѓу вработените и соработниците“, се вели во реакцијата до медиумите.

Инаку, деманти за вакви преговори дојдоа и од самата компанија „Вива Фреш“, но и од медиумот кој прв ја објави веста, порталот на албански јазик „Шќип медија“.