👁️  173

„Изминуваат две години откако ја презедов функцијата градоначалник на општина Гевгелија, период во кој реализиравме повеќе проекти на целата територија на нашата општина“, истакна градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов на денешната средба со граѓани во Миравци, во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.

Сарамандов додаде дека тој неговиот тим даваат се од себе за да ги реализираат ветувањата кои ги имаат ветено на граѓаните во програмата.

„Но, истовремено реализираме и нови проекти кои не беа во програмата, но кои произлегуваат од барањата на нашите сограѓани. Ги решаваме во континуитет инфраструктурните проблеми, се подобрува патната инфраструктура, се градат нови водоводни мрежи и се обновија неколку значајни културни центри. Се реализираат проекти и од образованието, и од социјалната политика“, рече градоначалникот на општина Гевгелија.

Тој посочи дека локалната самоуправа дава целосна поддршка и финансиска, и логистичка, и на спортските и на културните настани.

„Во наредниот период секој од вас ќе добие отчет за сработеното на локалната самоуправа во овие две години“, нагласи Сарамандов.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски редовно доаѓа во нашата општина и ја следи работата на локалната самоуправа и одблизу се запознава со проблемите со кои се соочуваат нашите сограѓани и стопанствениците“, рече тој.

Сарамандов укажа дека заедно со тимот на ВМРО-ДПМНЕ во текот на денешниот ден имаа повеќе средби со граѓани од општината и се изврши увид во повеќе градежни активности на повеќе локации каде што се реализираат проекти од локалната самоуправа.