Македонскиот фудбалер Илија Несторовски втора сезона по ред не може да ужива во големата минутажа во Удинезе. Искусниот напаѓач речиси секој натпревар на „црно-белите“ го започнува од клупата за резерви и добива сè помалку шанси за докажување.

Ваквата ситуација носи нови шпекулации на „чизмата“. Имено, утринските вести во Италија велат дека повратникот во македонскиот состав е пред заминување од Удинезе. Познатиот италијански новинар Џанлука Ди Марцио објави дека Несторовски е желба на Дејан Станковиќ за нападот на Сампдорија.

Тимот од Џенова сè уште е во сериозна играчка и резултатска криза, а доколку сака опстанок во Серија А, раководството мора итно да реагира и да го засили тимот. Наводно, токму Несторовски е еден од најсериозните кандидати за преселба во Сампдорија.

Поранешниот ас на Интер Запрешиќ веќе долго време е во Италија, а пред Удинезе со успеси го носеше дресот на Палермо.