👁️  5

Не постои ниту едно логично објаснување зошто по секоја цена се туркаат скандалозни и противуставни измени на Законот за игрите на среќа и забавни игри, пишува во отвореното писмо на здружението на вработени во сектор игри на среќа „САКАМ ДА РАБОТАМ“ до пратениците од Комисијата за европски прашања, каде на дневен ред денеска се измените на Законот за игри на среќа.

Од здружението велат дека во услови на инфлација, растечка сиромаштија, ценовни шокови, непрекинато иселување на работно способно население, да се усвојуваат решенија кои ќе остават на улица 10 илјади вработени, е надвор од секаква здраворазумска логика, посочувајќи дека сето ова се прави со злоупотреба на ЕУ знаме.

„САКАМ ДА РАБОТАМ“ во своето писмо до пратениците сликовито, преку лични сведоштва објаснува зошто тие не треба да донесат погрешна и крајно штетна одлука.

„Конкурираш на јавен оглас на компанија која од владата на предлог министерството за финансии и е издадена лиценца за организирање посебен вид игри на среќа. Дел од овие компании се странски инвеститори, светски корпорации во оваа индустрија. Тоа влева сигурност и самодоверба дека ако те примат ќе добиеш сигурна работа. Во ова време тоа е реткост. Менаџментот те испраќа на платена обука, бидејќи не можеш да потпишеш договор за работа на неопределено време се додека не си подготвен да ги исполниш строгите стандарди за професионалност при извршување на работните задачи. Почнуваш да работиш, добиваш редовна, добра плата, со сите придонеси, плус со платени двојни дневници за работа во недела, празници, ноќен труд и сменско работење, бидејќи работното време е 24/7. Добиваш финансиска сигурност. Основаш семејство, ти се раѓаат деца, решаваш да подигнеш кредит за да купиш стан, кола, си го планираш животот бидејќи веруваш дека имаш финансиска сигурност и без проблем ќе ги плаќаш ратите.

Одеднаш, Владата која издала лиценца за работа, му предлага на Собранието да усвои законски измени заради кои компанијата ќе биде принудена да стави клуч на врата. Странските инвеститори да си одат од земјата. Загрижените лица на менаџерите дополнително те вознемируваат. Закуподавецот на објектот каде работиш станува нервозен бидејќи договорот за закуп ќе мора предвреме да му биде раскинат. Те фаќа несоница од помислата дека ќе останеш без работа. Нема да можеш да ги плаќаш кредитите, те обзема страв дека ќе си имаш работа со извршители. Ќе стане хаос. Немаш избор, почнуваш да бараш контакти во странство за да дознаеш какви можности имаш да работиш таму. Пишуваш биографија и ја испраќаш. Со искуството во индустријата игри на среќа можеш веднаш да најдеш работа во западните земји, во ЕУ. Со горчина во душата почнуваш да го подготвуваш семејството дека можеби ќе нема друг избор освен да се иселите од сопствената земја.“ – се вели во отвореното писмо на „САКАМ ДА РАБОТАМ“.

Од здружението посочуваат дека се разочарани и гневни што надлежните државни институции никогаш не застанале во одбрана на нивното достоинство, човекови слободи и уставно загарантирани права на работен однос.

„Гласањето на овие законски измени е глас ЗА егзодус на дополнителни 35 илјади луѓе, кои ќе бидат присилени да си заминат од Македонија. Не сакаме да веруваме дека било кој од Вас може мирно да спие откако кренал рака за да нанесе ваква неправда. Никој од Вас не е избран на избори за да отпушта вработени туку да решава проблеми.“- велат од здружението на вработени во сектор игри на среќа.

„САКАМ ДА РАБОТАМ“ испрати сериозен апел до пратениците и Владата предупредувајќи да ги повлечат скандалозните и противуставни измени пред да стане предоцна.

Здружението испрати порака дека до последно, со сите демократски средства ќе се борат против неправдата која овој предлог Закон може да им ја нанесе.