Армијата на Република Македонија добива 78 милиони долари американска поддршка во развојот на своите капацитети, модернизацијата, опремувањето и развојот на капацитетите за сајбер одбрана.
Американската поддршка, како што објаснуваат Министерство за одбрана, е во насока на достигнување на НАТО целите на способности и зголемување на интероперабилноста со американските вооружени сили и со сојузниците во Алијансата.
Членството во НАТО, како што се наведува, е уште еден катализатор за уште посилна соработка меѓу сојузниците како Македонија и САД, со што се зацврстува и колективната одбрана на Алијансата.
Од Министерството за одбрана посочуваат дека портфолиото за соработката со САД е навистина богато и сеопфатно. Тоа вклучува обука преку MIL-2-MIL програмата, вежбовни активности, некинетички обуки односно асистенција за АБХО, сајбер, цивилно воена соработка, развој на медицински капацитети, едукација за административни службеници, војници, подофицери и офицери, заеднички процес на опремување и модернизација преку десет интегрирани проектни тимови, тимови и советници со постојан престој во Македонија со цел асистенција во развојот на одбраната итн.