👁️  12

Регионалниот медиум посветен само на ракометот „Balkan Handball“ повторно организира настан под името „Handball Talks“, на кој свое учество зеде и Борко Ристовски. Директорот на Вардар беше дел од панел дискусијата заедно со Роман Пунгартник од Горење, Дарко Јевтиќ од Војводина, Миро Беницки од Целје и Ведран Шупковиќ од Загреб, каде разговараа на повеќе теми.

„Имавме тежок старт на сезоната, клубот тргна по нов пат. Го реорганизиравме Вардар на сите полиња. Започнавме многу добро со доста нови спонзори и екипа која е многу млада и талентирана. Бргу успеавме да направиме тим во кој сите дишат како еден, а тоа не беше случај во изминатите години. Ова е мал чекор кон нашите цели, да го вратиме Вардар каде што беше. Тргнавме добро, ги освоивме турнирот во Струга, па Суперкупот и забележавме позитивен двомеч со Еурофарм Пелистер. На добар пат сме во овој дел од сезоната. Ако не се случи некој пресврт, мислам дека сме на добар пат и пак да бидеме шампиони на Македонија“, започна директорот на вардарци.

Покрај другото, Ристовски зборуваше и за моменталната ситуација во Вардар. Тој ги објасни амбициите, филозофијата и начинот на работа во клупските структури.

„Вардар е близу до стабилизација. Нема да потпишуваме договори кои не можеме да ги испочитуваме, напротив само такви кои се возможни. Ја вративме својата академија која не беше активна, а сега базата е активна. Направивме спој на квалитетни македонски играчи кои можевме да ги доведеме, како и млади играчи од страна кои градат компактна екипа. Сите се желни да се докажуваат, тука се и во возраста. Нема тајни дека Вардар во моментов не може да доведе скапи играчи, а во моментов ниту филозифијата не е таква. По првата полусезона ќе направиме и дополнителни промени, со нови млади имиња кои ќе помогнат за кревање на квалитетот за главниот дел од сезоната. Носителите на играта имаат договори, ќе преговараме за продолжување на соработките на Томовски и Лазаревски. Срдановиќ потпиша нов договор, Петриќ и Николиќ имаат двегодишни соработки, што е доказ за нашата добра работа“, продолжи Ристовски.