Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) следната недела треба да ја донесе одлуката за цената на електричната енергија на регулираниот пазар што ќе важи од 1 јануари до 30 јуни идната година. АД ЕСМ вчера и завчера ги достави понудите на тендерите за цената на електричната енергија по која „ЕВН Електродистрибуција“ ќе ги покрива загубите во дистрибутивниот систем и за цената за „ЕВН Хоум“ за снабдување на домаќинствата и малите потрошувачи, а в понеделник треба да ја достави понудата за цената за покривање на загубите во преносниот систем на МЕПСО.
ЕСМ вчера понуди 56, место досегашните 48 евра за мегават час за набавка на електрична енергија за регулираниот пазар на повикот на „ЕВН Хоум“, а завчера 110 евра за мегават час, место досегашните 143 евра на повикот за набавка на електрична енергија за потребите за техничките загуби во системот на „ЕВН Електродистрибуција“.
ЕСМ дневно обезбедува околу 10.000 мегават часови електрична енергија за потребите на „ЕВН Хоум“, 4.500 мегават часови за потребите на „ЕВН Електродистрибуција“, 350 до 400 мегавати за потребите на МЕПСО и околу 500 мегавати преку „ЕСМ Продажба“ за училиштата, водоводните претпријатија и прехранбената индустрија.
Во меѓувреме одговорните велат дека заложба на Владата е да нема значително зголемување на цените на електричната енергија по 1 јануари идната година, иако трендот на поскапување на енергентите за производство на електрична енергија и растот на берзанските цени укажуваат дека треба да има поголемо зголемување на цените.
Министерот за економија Крешник Бектеши порачува дека „нема да се остварат најавувањата и очекувањата на т.н. енергетски експерти во нашата држава“ и нема да се случи такво зголемување на цената на електричната енергија, дури можеби во одредени случаи ќе има и намалување на нејзината цена со цел да се излезе во пресрет на граѓаните и на малите потрошувачи.
Од Владата, како што кажа, очекуваат „Газпром“ да не прави проблеми, бидејќи земјава ќе се држи до договореното.
– Се работи и на спојување на ГА-МА и „Национални енергетски ресурси“ (НЕР) во една компанија со што ќе се зголеми капацитетот на гасоводот. Зголемен е и протокот на интерконекторот на гасоводот со Бугарија, за да може да се донесе гас од друг извор освен од „Газпром“, кој до 2030 година целосно го има закупно моменталниот капацитет на гасоводот од 800 милиони нормални кубни метри, посочи Бислимоски.
Се анализираат барањата на водоводните претпријатија за зголемување на цените на нивните услуги
РКЕ сè уште е во фаза на анализирање на барањата на водоводните претпријатија за зголемување на цената на водата за пиење од 1 јануари идната година, информира Бислимоски.
– РКЕ за 2021, 2022 и 2023 година ги определува трошоците за поголемите водоводни претпријатија во општините со над 10 илјади жители. Неколку веќе ни доставија барања за зголемување на нивните услуги, најверојатно заради зголемени трошоци, пред сè за електрична енергија. Уште сме во фаза на анализирање на барањата. Со оглед дека РКЕ носи минимална и максимална цена нашите одлуки ќе бидат постојните цени да се наоѓаат помеѓу минималната и максималната цена, а понатаму советите на општините, кои ја носат крајната одлука за цената, да можат да донесат соодветна одлука, појасни Бислимоски.