👁️  54

Во врска со набавката за возила за потребите на високите делегации кои ќе пристигнат во земјата за Министерскиот Совет на ОБСЕ и во интерес на вистината замолуваме вашиот медиум интегрално да ја пренесе нашата реакција во однос на сите шпекулации кои се појавија во однос на оваа набавка.

Не е точно дека Министерството ќе потроши преку 900.000 илјади евра како што се тврди во медиумите за изнајмување на возила. Станува збор за рамковен договор а од понудувачите е побарана цената да биде дефинирана за изнајмување по ден и по возило. Ова значи дека само откако ќе се исцрпат сите домашни институционални капацитети и достапни возила, ќе се изнајмат одреден број возила кои недостасуваат. Министерството интензивно планира и обезбедува возила од институциите, но заради стандардите кои се предвидени од ОБСЕ, нужно е да има резервна опција доколку истите не се обебзедат. Согласно досегашната анализа, веќе половина од потребните возила се потврдени и ќе бидат обезбедени од институциите, што значи дека ни одблиску нема да се потроши планираниот буџет од Рамковниот договор. Предвидувањата се дека нема да се потроши ни половина средства од финансиската рамка.

Понудените цени се цени кои ги дефинира понудувачот. Заради ниската достапност на возилата со потребната спецификација во толкав број, веројатноста цената на истите да биде повисока во понудата е очекувана. Наша цел е да обезбедиме што повеќе возила од институциите и на тоа интензивно се работи, но апсолутно е нужно да имаме поддршка од професионална компанија за оној дел кој ќе недостастува. Станува збор за возила со специфични карактеристики, опрема и перформански кои институциите ги немаат во доволен број, покрај ВИП возилата, ескортни возила, мини ван возилата и автобуси.

Министерската Конференцијата на ОБСЕ преставува најголемиот надворешно – политички настан што било кога е организиран во земјава. Се очекува во Скопје да пристигнат над 70 делегации со приближно 1000 чкенови на делегациите на највисоко ниво, но и дополнително високи претставници од бројни меѓународни организации. Сметаме дека е недозволиво да не се исполнат стандардите и да не се одговори на обврските кои произлегуваат од обврските за организирање на ОБСЕ Министерскиот совет.