Инцидент со пукање се случил вчера околу пладне на паркинг во скопската населба Аеродром, соопшти денеска полицијата. Цел на напад било 21-годишно момче, а според жителите на блокот во кој се случил инцидентот, во моментот кога се случило пукањето, блиското игралиште било полно со деца.
„На 27.04.2023 во 11.34 часот во СВР Скопје, И.Ц.(21) од Скопје пријавил дека во 11.30 часот на паркинг на бул.„АСНОМ“ во Скопје, додека бил со уште неколку лица, дошол К.Ј. од Скопје и од пиштол испукал еден куршум кон него, но не го погодил“, информираат од МВР.
Полицијата извршила увид и презема мерки за расчистување на случајот.
Според вознемирени жители на околните згради, учесниците во вчерашниот инцидент ѝ се добро познати на полицијата, а луѓето кои живеат во тој дел одамна се жалеле на нивното однесување.