Од денеска па до недела во поморската база „Рота“ во шпанскиот град Кадиз, ЕУ ја спроведува својата прва воена вежба во живо, јави дописникот на МИА од Брисел.
Во вежбата учествуваа приближно 2.800 припадници на вооружените сили на земјите членки на ЕУ, кои ќе симулираат почетна фаза на операцијата за стабилизација.
Во маневрите ќе биде вклучен шпанскиот амфибиски јуришен брод „Хуан Карлос Први“, кој ќе ја предводи оперативната група што се состои од 31 единица, вклучувајќи поморски, воздухопловни, копнени, вселенски и кибер орудија.
Во текот на утрешниот ден на маневрите ќе присуствува и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел, пред кого учесниците на вежбата ќе демонстрираат дел од своите активности.
Предвидено е утре Борел да се обрати и на заседанието на Воениот комитет на ЕУ на ниво на началници за генералштабови, што ќе се одржи во шпанскиот град Севиља. (МИА)