👁️  103

Како онколошки пациенти, најважно ни е да се добијат имиња и презимиња на инволвираните лица, беше истакнато на вечерашниот протест пред Обвинителството во Скопје, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на Клиниката за онкологија беше отворена предистражна постапка.

Онколошки пациенти на вечерашниот протест информираа дека денеска, како што тврдат, „на Клиниката за онкологија не им било овозможено да добијат упат за на ехо“, како што им било кажано, процедурата била тоа да оди преку матичен лекар.

– А, тоа оди бавно зашто нема термини, па мора да се закажува на приватно, појасни пациентка, учесник на протестот.

Ана Марјановиќ, пациентка на Клиниката за онкологија во Скопје, рече дека веќе подолго време зборуваат за нивните барања и очекувања од предистрагата.

– За нас како онколошки пациенти, најважно е да се добијат имиња и презимиња на инволвираните лица, сѐ со цел да знаеме кои се и како да го продолжиме нашето лекување. На Онкологија, проблемот со терапии и термини е веќе долго време зборуван и потенциран од страна на пациентите, во последните недели добиваме информации од медиумите дека новата директорка и министерот веќе работат на одредени проблеми, но, само времето ќе покаже дали тоа навистина ќе се случи, изјави Марјановиќ.

Во однос на пред истрагата, додаде таа, најзначајно е да се испрати апел до пациентите, како и до блиските на веќе починатите онколошки пациенти, да пријавуваат во ОЈО секаков сомнеж што го имаат или имале за терапиите, како и да истапат сите оние пациенти, на кои им била скратена, или биле одбиени, за одредена терапија.

– И се разбира, доколку има пациенти на кои им биле побарани пари за одреден лек или услуга на Клиниката за онкологија, тоа да го пријават во ОЈО, сѐ со цел ефективно разрешување на овој скандал, подвлече Марјановиќ.

Во исчекување на октомври, светскиот месец на болните од рак на града, исто така, додаде таа, сакаме да пратиме порака до сите организации, институции и медиуми, дека треба малку посериозно да се преземат мерки за поттикнување на свеста кај луѓето за оваа болест, како и огромната важност на самодијагнозата.

– Во исто време, Онкологија и Фондот за здравство да направат напори за да се донесат нови лекови на позитивната листа, бидејќи повторно заостануваме од светските трендови и поновите лекови што се користат за третман на онколошките пациенти, апелираше Марјановиќ.

На протестот беше нагласено дека собирите пред ОЈО ќе продолжат, сѐ со цел да се мотивираат поголем број на онколошки пациенти, да ги споделат своите искуства од оваа клиника и истовремено, да бидат потсетени обвинителите, кои работат на овој случај, дека онколошките пациенти имаат потреба од брза и ефективна истрага.