👁️  712

Банкротира трета американска банка за два месеци и тоа е второ најголемо пропаѓање на некоја банка во Америка. Банката што пропадна е Фирст рипаблик, чии средства сега ќе ги преземе ЏП Морган.

ЏП Морган постигна договор со регулаторите за преземање „значително мнозинство“ од средствата на Фирст рипаблик, вклучувајќи заеми од 173 милијарди долари.

ЏП Морган Чејс соопшти дека стекнала „значително мнозинство средства“ и презела депозити, и осигурени и неосигурени.

„Со извршувањето на оваа трансакција, ЏП Морган Чејс го поддржува американскиот финансиски систем со неговата значајна сила и можности за извршување“, се вели во соопштението на банката.

Калифорнискиот Оддел за финансиска заштита и иновации рано во понеделникот објави дека ја презела Фирст рипаблик и дека Федералната корпорација за осигурување депозити (ФДИЦ) ќе дејствува како стечаен управител. Веднаш потоа, ФДИЦ ја објави продажбата. Продажната цена не беше откриена во соопштението на ФДИЦ, која спроведе аукција меѓу неколку банки за да види која ќе заврши со средствата на Фирст рипаблик.

Тие понуди беа поднесени во неделата доцна попладне, изјавил извор за Си-ен-ен. Потоа следувале часови на чекање вести за тоа која понуда била успешна.

Колапсот на банката Фирст рипаблик следува по пропаста на американските банки Силикон вали и Сигначр откако инвеститорите ги повлекоа средствата.

Американската централна банка, Федерални резерви, беше принудена да се вклучи со итни мерки за стабилизирање на пазарот.

Фирст рипаблик, која почна со работа во 1985 година со една филијала во Сан Франциско, е позната по тоа што им служи на богатите клиенти во крајбрежните држави. На 13 април имаше имот од 229,1 милијарди долари. На крајот на минатата година таа беше 14-та по големина банка во земјата, според рангирањето на Федералните резерви.

ЏП Морган Чејс е најголемата банка во Соединетите Држави со вкупна глобална актива од речиси 4 трилиони долари заклучно со 31 март.