Во Собранието денеска се закажани продолженија на три пленарни седници – 127., 126. и на 74. седница.
На 127. седница пратениците треба да ја разгледаат потребата за носење на Предлог на деловник на Собранието на Република Северна Македонија, во прво читање. Предлог-Деловникот минатата недела едногласно беше даден на натамошна постапка на матичната Комисија за деловничко и мандатно имунитетни прашања.
На дневен ред на оваа седница се и останти и Предлог на закон за ратификација на амандманите на Договорот за основање на Европската банка за обнова и развој, Предлог на закон за ратификација на Договорот за културна соработка меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Турција и Предлог на закон за изменување на Законот за даночно ослободување со цел реализирање на Одлуката за склучување на Анекс на договорот за концесија за промена на намената на дел од средствата, по скратена постапка.
На дневен ред на 126. седница се неколку точки, меѓу кои, ратификации на закони за Спогодбата помеѓу Советот на министри на Босна и Херцеговина, Владата на Република Бугарија, Владата на Република Хрватска, Владата на Унгарија, Владата на Република Северна Македонија, Владата на Црна Гора, Владата на Република Србија, Владата на Словачката Република и Владата на Република Словенија за соработка и координација на потрагата и спасувањето во областа на воздухопловството, на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Романија за зајакнување на соработката во областа на внатрешната контрола и спречување и борба против корупцијата и на Протоколот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Швајцарскиот Федерален Совет за изменување на Спогодбата од 14 април 2000 година помеѓу Македонската Влада и Швајцарскиот Федерален Совет за одбегнување на двојното оданочување по однос на данокот на доход и данокот на капитал. Пратениците треба да ги разгледаат и Одлуката за изменување и дополнување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025 и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, по скратена постапка.
На дневен ред на 74. седница се измените на Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители на Република Македонија, на Законот за платите на јавните обвинители, по скратена постапка, на Законот за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, во прво читање, на Законот за отворените граѓански универзитети за доживотно учење, во прво читање, на Законот за основното образование, во прво читање и Предлог на резолуција против рехабилитацијата и глорификацијата на фашизмот, нацизмот и нивните современи облици