👁️  5

Евгениј Пригожин, шефот на руската платеничка група „Вагнер“, во најновата гласовна порака објавена денеска наведува дека неговата воена организација во моментов не регрутира нови борци, но веројатно тоа ќе го направи во иднина.

Иднината на „Вагнер“ и Пригожин е нејасна откако на крајот на јуни се случи краткотрајниот бунт против рускиот воен естаблишмент, а официјален Кремљ подоцна прифати тој и некои од неговите борци, кои учествуваа во некои од најжестоките битки во Украина, да се префрлат во Белорусија, наведуваат британските медиуми.

И покрај бунтот, по само пет дена Пригожин беше поканет на средба со Владимир Путин, а минатата недела беше фотографиран во Санкт Петербург, каде што рускиот претседател беше домаќин на африканските лидери за време на Самитот Русија-Африка.

„Денеска ги дефинираме нашите следни задачи, чија рамка станува се појасна. Без сомнение, тоа се задачи што ќе се извршуваат во името на големата Русија“, порача Пригожин во гласовната порака објавена на „Греј зона“ на каналот Телеграм, што е поврзан со организацијата „Вагнер“.