Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО и оваа година ќе го одбележи Светскиот ден за гинеколошките карциноми, 20-ти септември, со панел дискусијата „Премостување на предизвиците при дијагноза и лекување на гинеколошки карциноми – каде сме во моментов и каде се движиме?”.
Овој ден е посветен за подигање на свеста за гинеколошките карциноми, за поддршка на заболените од гинеколошки карциноми и нивно застапување за подобар пристап до соодветна здравствената заштита и ресурсите за превенција, рано откривање и лекување.
Со таа цел, оваа дискусија ќе претставува иницијатива – заедничка акција/партнерство на сите засегнати страни кои соработуваат – владини претставници, здравствени работници од сите специјалности кои секојдневно учествуваат во дијагноза и лекување на пациентите, пациенти, невладини организации и здруженија на граѓани – секој што е заинтересиран за унапредување на женското здравје, за:
-да се постави прашањето за здравствените предизвици на гинеколошките карциноми во агендата на државната здравствената политика;
-развој на национален регистар за гинеколошки карциноми;
-развој на истражувачки/работни групи со цел подлабоко истражување (собирање на примероци) на гинеколошките карциноми, и преку размена на знаења да се придонесе кон идентификување и промоција на соодветни решенија и најдобри практики – унифицирани клиничките протоколи;
-aктивно да придонесе кон колективно учење преку зголемено информирање на јавноста за симптомите на гинеколошките карциноми;
-подобрување на пристапот и опфатот со примарните превентивни прегледи – едукација на секоја девојка и жена за самопреглед – самостојно земање на примерок за ХПВ типизација и др.;
-подобрување на пристапот до ретки третмани и квалитетот на животот на пациентите преку подобрување на условите за нега и грижа.