👁️  5

Воден дрон попладнево се очекува да се вклучи во потрагата по 30 годишникот кој исчезна во водите на езерото Глажња.

На терен денеска се три нуркачки тима на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ кои од утринава продолжија со потрагата.

-Видливоста е многу мала, околу 40-тина сантиметри што го отежнува нуркањето и пребарувањето. Воедно, самиот терен е многу кос, стрмен што дополнително го отежнува пребарувањето на теренот, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.

Во потрагата вклучени биле и екипи од Дирекцијата за заштита и спасување кои со чамец вршеле пребарување на брегот на езерото.

Ангелов посочи дека доколку потрагата не даде резултати, рано наутро со дополнителни тимови нуркачи ќе се продолжи пребарувањето.

Исчезнувањето на Ф.Р. (30) од селото Никуштак било пријавено во ПС Матејче вчера околу 15.30 часот, бидејќи не се вратил подолг период откако влегол да се капе во вештачкото езеро на браната Глажња на оддалеченост од 1.5 километри.