👁️  26

Голем број верници од Куманово денеска присуствуваа во манастирот Матејче во чест на православниот празник посветен на раѓањето на Пресвета Богородица.

Како што претходно информираа за МИА, Министерството за култура ги почна годинашниве активности за непосредна заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација, препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче. За првата фаза за тековната година, одвоени се 1.580.020.00 денари.

-Во текот на 2023 година предвидено е да биде завршена првата фаза, што подразбира превентивна заштита на покривот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Матејче. Со проектот ќе бидат опфатени итни превентивни мерки за санирање на покривот, информираа од Министерството за култура.

Активисти од градот со години алармираа за исклучително лошата состојба на манастирот, која се влошуваше секоја година, по воениот конфликт во 2001 година. Претходно, комплексот во кој имаше и детско одморалиште сместено во прекрасната природа во општина Липково, беше омилено место за рекреација на учениците и граѓаните од Куманово.

Храмот посветен на Богородица, лоциран над селото Матејче, е еден од најрепрезентативните споменици на византиската уметност на македонска почва.