Во периодот меѓу ноември и декември годинава во Грција биле потврдени 18 случаи на мпокс (мајмунски сипаници), соопшти Националната организација за јавно здравје (ЕОДИ) и посочи дека ширењето на вирусот продолжува како во земјата така и на меѓународно ниво, јави дописничката на МИА од Атина.
Од ЕОДИ информираа дека мпокс е генетски вирус сличен на сипаници, но помалку заразен и предизвикува поблаги симптоми, а од човек на човек се пренесува преку контакт со кожни лезии и телесни течности на заразениот и/или контаминирани предмети, како и преку респираторни капки по подолг близок контакт на кратко растојание. Тие посочија дека мпокс, „врз основа на постоечките епидемиолошки податоци во Грција, главно се пренесува сексуално“.







