Ниту одлука на Владата во октомври 2022 година, а која се однесуваше на сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост и сите други државни институции задолжително да ги користат услугите на АД „Пошта“, не го спаси давачот на универзалната услуга од потребата од директна финансиска помош од буџетот, кој го полнат сите граѓани.
Минатата недела Владата на „Пошта“ и префрлила 50 милиони денари како помош во справувањето со кризата од која друштвото се потешко може да се извлече, покажува платформата „Отворени финансии“. На крајот на септември Владата им исплати како помош 300 милиони денари на Национални шуми и 100 милиони на Водостопанство.
Сите три претпријатија покажуваа негативно работење во одредени циклуси оваа година, а најмногу од нив забележа „Пошта“ со загуби во сите три квартали досега во текот на годината. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во првото тромесечие од годината минусот бил 44 милиони, во второто кое ги опфаќа април, мај и јуни негативата изнесувала 61,1 милиони, за кулминацијата да биде во третиот квартал кога загубата била неверојатни 243 милиони денари, или 4 милиони евра за само три месеци.
Генералниот директор Васко Стефанов претходно ги повика сите државни институции и акционерски друштва, како и општините, да склучат договор со Пошта по примерот на АД „ЕСМ“. Системот и инфраструктурата овозможува да ги давамеуслугите коишто се бараат, со цел да јаконсолидираме компанијата.
Владата и минатата година ја помогна АД Пошта на Северна Македонија со исплатени 91 милиони денари, или 1,5 милиони евра за работењето на државниот поштенски оператор. АД Пошта доби пари од Владата и во 2020, годината која ја заврши со загуба иако заради корона кризата и беа одобрени субвенции во износ од речиси 2 милиони евра.
Во последно време Владата ги плаќа и долговите за електрична енергија на некои претпријатија и државни институции. Вчера министерот за транспорт и врски Благој Бочварски рече дека преку заштеди од други ставки се обезбедени 200 милиони денари за плаќање на половина долг за електрична енергија кој го има Железници – Транспорт.








