👁️  96

„Како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, на наше големо задоволство на покана на општинскиот комитет на УМС овде во Битола присуствуваме на отворањето на втората година по ред на политичка академија организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ. Ние како политички подмладок со гордост го носиме епитетот на најмоќен, најорганизиран и најмасовен политички подмладок во Македонија“, истакна претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов од Битола.

Попов додаде дека УМС на ВМРО-ДПМНЕ во континуитет се труди тој епитет и да го оправда како најмоќен, најорганизиран и најмасовен политички подмладок во Македонија.

„И токму затоа организираме и серија на вакви обуки и политички академии, со кои работиме на политичката надградба на нашите активисти. Бидејќи доколку сакаме како Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ да можеме да ги артикулираме нашите политички пораки и да бидеме широко прифатени кај младите луѓе, мораме да работиме и на тој тип на едукација на нашите активисти. Токму затоа не само оваа обука, ние организираме и друг тип на обуки, денеска излезе и повикот од републичките комисии на УМС кои ќе организираат и серија на обуки на разни теми. Првата обука ќе биде на тема веб дизајн, така да како УМС продолжуваме да се трудиме и во иднина политички да ги надградуваме нашите активисти“, рече претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека УМС на ВМРО-ДПМНЕ помага младите луѓе да се надградуваат.
„Со тоа ги повикувам и да се приклучат на најдобро организираниот подмладок во Македонија УМС на ВМРО-ДПМНЕ. Младите да не бидат тивки, треба да бидат гласни и да се трудат да ја променат државата во која живеат“, нагласи Попов.

Имено, втората политичка академија во Битола според организацијата треба да трае од 24-ти октомври до 26-ти ноември. Ќе има десет модули кои се поделени во пет различни викенди. Организаторите на оваа академија се надеваат дека ќе поттикнат многу млади луѓе да се вклучат во политиката.

„Преголемата разочараност и се поизразена разочараност предизвикува поизразена мотивираност на младите луѓе да се приклучат во единствената организација кон која јас многу пати велам доколку сакаш да направиш нешто добро за Република Македонија искрено и од срце Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и младината на ВМРО-ДПМНЕ е она место во кое што треба да се приклучиш како млад човек“, појасни Попов.

Тој нагласи дека има прилив на млади луѓе секој ден во УМС на ВМРО-ДПМНЕ.