Во повеќе села во северниот дел на грчкиот остров Евија од рано утрово има сериозни проблеми поради невремето „Илиас“ што предизвика поплави како на домови, така и на улиците, јави дописничката на МИА од Атина.
Според локалните медиуми, предизвикана е материјална штета, во одредени делови има и лизгање на земјиштето, а поради проблемите на патната инфраструктура, во прекин е сообраќајот на повеќе локални патишта.
Грчката државна телевизија ЕРТ објави дека во северниот дел на островот е и министерот за климатска криза и цивилна заштита Василис Кикиљас.
На невремето „Илиас“ што денеска кулминира во повеќе делови на Грција, се осврна и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на владината седница, истакнувајќи дека „во погодените подрачја мобилизиран е државниот механизам“, а фокусот е на ситуацијата на Евија. (МИА)