👁️  61

Бразилскиот напаѓач Ришарлисон (26) најави дека по враќањето во англиското фудбалско првенство ќе побара помош од психолог откако мина тежок период изминатите неколку месеци.

„Ќе се вратам во Англија и ќе побарам помош од психолог за да поработам на својот ум и да се вратам посилен“, порача напаѓачот на лондонски Тотенхем.

Бразилскиот репрезентативец рече дека зад него се тешки пет месеци и „турбулентно време надвор од теренот“.

„Меѓутоа, бурата сега помина. Работите дома сега се како што треба. Луѓето кои внимаваа само на моите пари заминаа“, наведе Ришарлисон.

Фудбалерот пред само неколку денови беше снимен како плаче на бразилската клупа, откако беше повлечен од игра во 71 минута на натпреварот против Боливија во квалификациите за Мундијалот 2026. (МИА)