👁️  5

Крстовден (Воздвижение на Чесниот Крст)

На овој ден се празнуваат два настани поврзани со Чесниот Крст: прво, пронаоѓањето на Чесниот Крст на Голгота, и второ, враќањето на Чесниот Крст од Персија во Ерусалим. Обиколувајќи ја Светата Земја Св. царица Елена намисли да го побара Чесниот Крст на Христос. Некој старец Евреин, по име Јуда, единствен знаеше за местото каде што се наоѓаше Крстот, па принуден од царицата изјави дека Крстот е закопан под храмот на Венера, којшто на Голгота го подигна царот Адријан. Царицата нареди и го разурнаа оној идолски храм, па копајќи во длабочина најдоа три крста. Додека царицата беше во недоумение како да го распознае Христовиот Крст, покрај местото поминуваше поворка со мртовец. Тогаш патријархот Макариј рече да ги полагаат крстовите редум врз мртовецот. А кога го ставија врз него третиот крст, покојникот оживе. По тоа познаа дека е тоа вистинскиот Христов крст, чесен и животворен. Потоа го положија врз една болна жена и жената оздраве. Тогаш патријархот го крена крстот за да го види сиот народ, а народот со солзи пееше: „Господи помилуј!“ Царицата Елена направи ковчег од сребро и го положи во него Чесниот Крст. Подоцна, кога царот Хозрој го зазеде Ерусалим, многумина ги одведе во ропство, а Крстот Господов го однесе во Персија. Во Персија Крстот лежеше четиринаесет години. Во 628 година грчкиот цар Ираклиј го победи Хозрој и со слава го поврати Крстот во Ерусалим. Влегувајќи во градот царот Ираклиј го носеше Крстот на своите плеќи. Но одеднаш застана и не можеше да зачекори ни чекор. Патријархот Захариј виде ангел којшто му попречуваше на царот во раскошни облеки да оди под Крстот, по оној пат по којшто Господ одеше бос и понижен. Тоа видение патријархот му го објави на царот. Тогаш царот се слече, па босоног и во бедна облека го зеде Крстот, го изнесе на Голгота и го положи во храмот на Воскресението, на радост и за утеха на целиот христијански свет.

Тропар
Спаси ги, Господи, луѓето Твои, и благослови го наследството Твое, победи на благоверниот народ наш над непријателите давајќи му, и со Крстот Твој заштити го Твоето жителство.

Кондак
Ти, Кој доброволно на Крстот се искачи, на Твојот нов народ што го носи Твоето име, дарувај му ги Твоите добрини; дај му сила на Твојот народ набожен, давајќи му победа над непријателите, имајќи го за помош Твоето оружје на мирот, непобедливата победа.

Светата царица Плакила

Сопруга на царот Теодосиј Велики. Била вистинска христијанка и според умот и според делата. Особено ја украсувало помагањето на бедните и болни луѓе. Кога некои ? велеле дека тоа не се совпаѓа со царското достоинство, таа одговарала: „На царскиот чин му прилега да помага со пари; а моите лични трудови околу ништите, Му ги оддавам на Оној што благоизволе да ми го даде тој чин.“ Се упокои мирно во 400 година.

Тропар
Делата на слугите твои, Господи, не останаа прикриени, благодатта на светиот живот под поклопец се постави, силата на човекољубието без рожба не остана. Затоа Плакида света долгот го исполни и Царство Небесно задоби, од тебе поучувајќи се: на сите да послужи, Господа Бога да Го прослави. По нејзините свети молитви, Христе Боже спаси нe.

Преподобниот маченик Макариј Солунски

Ученик на Св. патријарх Нифонт, во времето кога овој пребиваше во подвиг на безмолвие во манастирот Ватопед. Макариј жеднееше по мачеништво заради Христа и испроси благослов од Св. Нифонт. Патријархот беше проѕорлив и виде дека тоа ? е угодно на Божјата волја, па му го благослови маченичкиот подвиг. Макариј отиде во Солун и сред една толпа Турци почна да зборува за Христос како за единствен вистинит Бог. Турците го натепаа и го фрлија во затвор. Кога го изведоа на суд, Макариј им викна на Турците: „О кога вие би ја познале вистината и би се крстиле во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!“ Турците му ја отсекоа главата во 1527 година. Во тој миг Свети Нифонт со духот го виде од Ватопед и му објави на еден монах: „Знај, чедо, дека твојот брат Макариј денес сврши маченички и дека се вознесува на небото торжествувајќи и радувајќи се во Господа.“ По неговите молитви и ние да се удостоиме со блаженство.

Тропар
Љубовта со која Христос ја освои душата твоја го надмина земното расудување, о Макарие, оче преподобен, и ти чиј корен не се знае, поита кон Изворот на животот, сведочејќи за силата која вечност дава. Радувај се, свет мачениче, ликувајќи на небесата во Господа, а ние заедно со Нифонт великиот молиме: по неговите молитви да се удостоиме на блаженствата Небесни. Амин!

Преподобна Марија Тарсиска

Живееше сосем развратно. Двајца монаси, патувајќи низ Тарс, отседнаа во гостилницата во којашто Марија го вршеше својот блуд. Кога им пристапи на монасите, тие ја укорија и ја оттурнаа како нечиста. Таа одеднаш се покаја и се зарече од тој час никогаш повеќе да не греши. Монасите ја поведоа со себе и ја одведоа во еден женски манастир, каде што се подвизуваше до старост. За време на животот се удостои со дар на чудотворство.

Тропар
О Маријо – душа ти блажена покајана, и при нозете Исусови принесена, моли се за нас ти, на чие преминување Господ погледна, солзи за очистување ти подари, наметка стара замени, и при Неговите небесни дворови те удоми, за да се исполни: дојдете при Мене сите оскрбени и обременети, и Јас ќе ве успокојам.