👁️  12

Министерот за внатрешни работи на Србија, Братислав Гашиќ денеска изјави дека во текот на учебната година полицајци ќе ги обезбедуваат сите училишта и ќе се грижат за безбедноста на учениците во таа држава.

Гашиќ на ученици во едно ОУ и едно Средно училиште во Белград им порача дека „ако имате некаков проблем, знајте дека училишниот полицаец е тука да реагира и да биде личност на која можете да му верувате, како и твоите наставници и родители“, јави Бета.

Според соопштението на МВР, министерот им порачал на средношколците „да ја сакаат својата земја, да се почитуваат, да го негуваат пријателството и да ги штитат своите пријатели“, а ги повика основците да бидат активни во проектот „Заедно и безбедно низ детството „ во која преку работилници ќе научат да препознаваат насилство и како да се заштитат и кому да се обратат доколку се случи.

Присуството на полицијата е зголемено во и околу училиштата во Србија откако ученик од белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ на 3 мај уби девет ученици и еден чувар. (МИА)