👁️  5

Осмото коло во Првата македонска фудбалска лига донесе неколку сериозни испити за фаворитите, но и дерби на двата тима кои имаат најлош пласман на табелата.

Струга, Шкупи и Шкендија ја оправдаа улогата на фаворити и славеа минимални победи на своите средби, меѓутоа најмногу тензија имаше во Маџари, каде Вардар претрпе нов пораз и сега е последен на табелата.

Во директниот дуел со Гостивар, избраниците на Васоски претрпеа пораз од 0:2, а мечот го завршија без тренерот кај клупата бидејќи „тетовче“ доби исклучување по жестоки протести кон судиите.

Голот на Кехинде во 31-та минута беше сериозен удар за Вардар и го принуди домаќинот да нападне во вториот дел, што направи да видиме ситуација во која гостите имаат многу простор преку контри.

Гостивар го реши прашањето околу победникот со втор гол во 88-та минута, па така Гоба го постави конечниот резултат на оваа средба.

Шкендија тешко се справи со Македонија Ѓорче Петров и победи благодарение на голот на Чинари, а победа од 1:0 оствари и Струга над Работнички. Ибраими промаши пенал на крајот од првиот дел, но во второто полувреме Идризи стрелаше за победа.

Триумф оствари и Шкупи на гостувањето во Охрид, каде успеа со 2:3 да слави над Воска Спорт. Тиквеш славеше над Брегалница со 2:1, а Брера Струмица и Силекс ремизираа 1:1.