👁️  12

Покачување на минималната пензија со минималната плата и линеарно зголемување на сите пензии, побараа на денешниот протест пензионерите. На протестот, кој се одржа во Жена парк, во Скопје пензионерите посочија дека не се работи за партиски, туку за егзистенцијален протест.

-Да се покачи минималната пензија, задолжително и што побрзо. Висината на минималната пензија да биде со висина на минималната плата. Второто барање е, што е исто многу оправдано, покачувањата да бидат линеарни, да не бидат процентуални. За сите пензионери да бидат по 3.500 денари, на секое покачување, како и за најмалите, така и за најголемите пензии. Нема зошто да има разлика. Тоа што се плаќале придонеси на времето што често ги споменуваат луѓето тоа биле за да си земат поголеми пензии. Меѓутоа, пензионер е пензионер. Не придонесува повеќе, нема зошто да се прави категоризација на висината на покачувањето. Продавницте за сите се исти, цените се за сите исти, услугите здравствени се исти. Се е потполно исто. Значи, нема зошто да има разлика, изјави Сузана Шкоф.

Додаде дека незадоволството е големо.

-Ги слушаме министерката за труд и социјална работа, ја слушаме претседателката на пензионерите со своите образложувања што не држат, нема повеќе што да се чека институционално, па за да биде тоа требало време, требало тоа, ова. За нив го донесоа покачување од 78 проценти, велат долг бил патот за нас, а за нив беше краток патот. Јас велам со јапонски воз, значи толку брзо ги донесоа по некоја иницијатива на некој или не знам како, а за нас бил долг патот. Е не се издржува повеќе. Едноставно, чашата е прелеана, посочи Шкоф.

Учесниците во протестот посочија дека моменталната висина на пензиите не доволна за пристоен живот.

-Со моменталната пензија не можеме да издржиме, ништо не останува од овие пари што ги земаме. Струјата е покачена, парното е покачено, вода и телефони, а за храната да не зборуваме. На внуците не можеме да си дозволиме да им купиме една чоколада. Бараме да се покачи пензијата и да биде најмалку 20.000 денари, истакна пензионерката Вера Стојановска.

Тие за наредната недела најавија помасовен протест на пензионери од повеќе градови.