👁️  2014

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и вицепремиерот Артан Груби по потпишувањето на договорот соопштија дека годишно во просек ќе се градат по 23 километри автопат, а цената во просек, ќе биде 12 милиони евра по километар.

Целосно е почитуван Законот за склучување на договорот со стратешкиот партнер. Експропријацијата уште не почната бидејќи ова е нов модел на градење на автопатишта. „Бехтел и Енка“ и ќе проектира и ќе гради, рече Рустеми.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека цените се поткрепени врз основа на физибилити студијата изготвена од Градежниот факултет и ревидирана од консултанската компанија Гранд Тортон.

-Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, а тоа е принципот на измерени количини. Тоа подразбира дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен и на тој начин ќе се има целосна транспрантност на извршените работи и потрошените средства, рече Бочварски.

Со цел да се забрза изградбата на коридорите, како што рече, од изведувачот ќе биде применет принципот на „проектирање и изградба”, а тоа подразбира дека со договорот, на изведувачот му се дава обврската сам или преку домашни проектански фирми и компании истовремено да проектира и да гради.

Целата изградба треба да трае до 2027 година. Предложениот динамички план предвидува рок од 33 месеци за изградба на Тетово-Гостивар, 49 месеци за Требеништа – Струга – Ќафасан и 57 месеци за Гостивар – Букојчани и за Прилеп – Битола.

Финансирањето на проектот е од Буџетот на државата, а во буџетот на Министерството за транспорт и врски годинава се предвидени 15 милијарди денари или 244 милиони евра. Се планира секоја година од Буџетот да се издвојуваат толку средства.

За проектот, „Бехтел и Енка“ се номинирани за стратешки партнер од државата. Надзорот ќе го врши ИРД инжинеринг, кој како консултант за финансиски трансакции во име на Владата изминатиот месец ги водеше преговорите со конзорциумот.