👁️  40

По отворената предистражната постапка на Јавното обвинителство околу написите дека онколошката терапија наменета за пациенти на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија се препродавала на црниот пазар, докторот Никола Пановски во утринската емисија за Телевизија 24 вели дека тешко ќе биде да се докаже како, односно дали биле користени скапите ампули.

„Најнехуман тип на кражба е, полошо е само кога има војни и концентрациони логори. Дури и Менгеле во своите експерименти може направил нешто за цивилизацијата. Каде завршила една ампула од 4.000 евра тешко може да се открие, треба да се открие зошто е тргнат системот. По овој притисок претпоставувам дека никој не се плаши да каже од вработените, да бидат вклучени како заштитен сведок. Не е лесна постапката гледано од страна“, смета професорот.

Микробиологот упати и критики до власта дека на раководни позиции поставува „без’рбетници“ и од таму произлегува резултатот што сега го гледаме.

„Да пишуваат за вас со години и да не седнете на стручен колегиум, да речете аман луѓе дајте да излеземе да видиме. Ова се пишува, они си молчат, еден директор, втор, трет, не знам како не им е срам да седат и молчат. Оваа власт пред седум години рече дека ќе го спои Клиничкиот центар, набавките и контролата ќе одеа на друг начин, а покрај тоа се ставаат директори кои пола од колективот не ги знае, што не се од таа специјалност. Директор може да биде само ако има доверба кај вработените. Директорката повеќето ја гледаат првпат, таа е в.д., не викам дека е лоша, но 99 отсто на пример во социјализмот во 80-тите беа поставувани под критериум стручност, да биде најпознат, најстар, со најголем авторитет. Не може да го ставите 20-тиот“, додаде Пановски.