👁️  12

Еден навивач на грчки АЕК беше убиен во крвавата пресметка меѓу хулиганите на тој клуб и Динамо од Загреб. Михалис беше избоден до смрт, а грчките медиуми објавија каков монструозен чин направиле навивачите на хрватскиот шампион кои имале голема поддршка и од хулиганите на Панатинаикос.

АЕК и Динамо во вторникот во Атина требаше да го одиграат натпреварот од 3. Квалификациско коло во Лигата на шампиони, но тој натпревар беше одложен поради крвавата пресметка меѓу навивачите на двата клуба.

Навивачите на Динамо (З), популарните Бед Блу Бојс (БББ) пристигнаа во Атина, иако УЕФА им забрани присуство на натпреварот поради страв од можни конфронтации, а дека челниците во УЕФА биле во право најдобро се покажа во понеделникот.

Крвавата пресметка се случила околу 23 часот пред стадионот на АЕК каде се појавиле над 100 навивачи на Динамо кои сакале да упаднат на стадионот, а потоа почнале да се тепаат со навивачите на грчкиот клуб кои биле во кафулињата пред стадионот.

Во жестоката пресметка настрада 29-годишниот Михалис, кој беше избоден до смрт и, за жал, не преживеа додека не дојде брзата помош. Уште еден навивач на АЕК е во критична состојба бидејќи се здобил со тешки повреди на главата.

Грчките медиуми пишуваат колку јавноста во таа земја е згрозена од монструозното однесување на хулиганите, бидејќи е откриено како загинал Михалис и во какви маки се наоѓал во последните минути од животот.

Грчка „Газета“ објави дека Михалис бил неколку пати избоден со нож, а кобна била убодната рана во раката. Ножот ја пресекол артеријата, поради што Михалис искрвавил пред да дојде брзата помош.

Но, детаљ кој ги згрози сите е фактот што откако завршил на земја и лежел беспомошен, некои хулигани го удирале со палки и стапала по главата и остатокот од телото, а наводно биле толку монструозни што го удриле дури и кога не давал знаци на живот.

Откако се оддалечиле од него, луѓето кои биле во близина се обиделе да му помогнат на Михалис, повикале брза помош, но за жал можеле само да констатираат дека е мртов.

Фановите на АЕК на социјалните мрежи се збогуваат со Михалис, а челниците на грчкиот клуб најавија дека сака да го најде неговиот убиец и да го казни со максимална казна за убиство.

Како што пишуваат хрватските медиуми, грчката полиција наводно открила отпечатоци од прстите на потенцијалниот убиец. Првичните резултати покажаа дека убиецот е Грк, а не Хрват, како што се претпоставуваше досега. Секако, се уште се чекаат официјални информации.