👁️  26

Претседателката на Косово, Вјоса Османи порача дека, „онака како што Србија не успеа да ги постигне своите цели во Косово и другите земји од поранешна Југославија, исто така и Русија нема да успее во Украина“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на нејзината страница на „Фејсбук“, Османи информира за дискусиите што ги имала на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Дубровник, што се одржа вчера.

-Агресорот никогаш не треба да биде награден со земјата на жртвата! Како што не успеаја во Косово, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, варварските сили нема да успеат ниту во Украина. Слободата и демократијата секогаш ќе триумфираат, напиша Османи.

Таа вели дека на самитот во Хрватска истакнала оти лекциите од минатото нé потсетуваат дека акомодирањето на агресорите никогаш не носи траен мир.

-Вчера, пред другите лидери на Самитот Украина-Југоисточна Европа во Дубровник, нагласив дека лекциите од минатото не потсетуваат дека акомодирањето на агресорите никогаш не носи траен мир. Нашата солидарност со народот на Украина е длабоко вкоренета во болното искуство на нашиот народ. Затоа, ќе продолжиме да го поддржуваме правото на украинскиот народ на слобода, суверенитет и територијален интегритет. До победа!, напиша Османи.

Претставниците на 12 земји од Југоисточна Европа доцна вчера ја усвоија Декларацијата на Самитот за Украина во Дубровник, на кој учествуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски, осудувајќи ја руската агресија и поддржувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.