👁️  75

Министерот за надворешни работи Бујар Османи е оптимист и очекува уставните амандмани, кои се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ, а на кои, вели, се работи во моментов, да бидат донесени, и целиот процес успешно да заврши.

-Моја задача е да сум оптимист и да работам тоа да се случи. Според моите сознанија процесот ќе заврши успешно, се надевам на време, рече Османи на новинарско прашање на денешниот брифинг во МНР.

Како првичен краен рок за уставните измени беше посочен ноември, кога треба да заврши и скрининг процесот и да се одржи втората меѓувладина конференција со што ќе почнат преговорите по поглавјата. Засега нема консензус по однос на уставните амандмани, бидејќи опозициската ВМРО-ДПМНЕ одбива да поддржи измени на Уставот, како што посочуваат, под бугарски диктат, и инсистираат на предвремени парламентарни избори.

Во однос на Акцискиот план во контекст на преговарачкиот процес со ЕУ, Османи додаде дека е во подготовка на што работат експерти домашни и надворешни, и веќе има и втор драфт. Неговата подготовка е поврзана и со процесот на уставните измени и штом биде подготвен ќе биде испратен на усвојување во ЕК.