👁️  453

И покрај оптимистичкиот тон на претседателите Мишел и фон дер Лајен, лидерите на ЕУ рано изутринава постигнаа консензус само за широка рамка за справување со ценовниот шок од енергетската криза, јави дописничката на МИА од Брисел.

Претседателите на Европскиот Совет, Шарл Мишел, и на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, околу три часот изутринава, по првиот ден од лидерскиот ЕУ состанок посветен на енергетската криза, излегоа со триумфални изјави за способноста на 27-те земји членки да постигнат консензус. Но деталите остануваат нејасни.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан по средбата објави дека неговата земја се одбранила од најголемите закани – енергетските препораки на Комитетот за енергетика на ЕК.

Два часот е во Брисел. Само што заврши првиот ден од самитот на ЕУ. Ќе ги продолжиме преговорите утре, но денеска успешно го затворивме најважното прашање, енергетското прашање. Најголема закана за Унгарија беа енергетските препораки на комитетот. Да не примеа, ќе ризикувавме за неколку дена да престане транспортот на гас до Унгарија. Оваа закана беше успешно отстранета денеска. Не останавме сами, па успеавме да постигнеме фер договор, унгарскиот премиер Виктор Орбан напиша на „Фејсбук“.

Се договоривме дека дури и да има ограничување на гасот во Европа, тоа нема да влијае на оние долгорочни договори без кои снабдувањето со гас на Унгарија би било невозможно од еден ден во друг. Со други зборови, ние сме изземени од капачето за гас, така што тоа не го загрозува безбедното снабдување со гас на Унгарија.

Се договоривме и дека и да има заедничка набавка на гас во Европа, тоа нема да биде задолжително за Унгарија. Со ова, сите опции за купување остануваат отворени за нас. Ова е важно затоа што можеме да ја намалиме цената на енергијата во нашата земја само кога има повеќе ресурси на располагање, толку е поголема конкуренцијата на унгарскиот енергетски пазар. Беше долга битка, но успеавме да ги одбраниме интересите на Унгарија. Се навраќаме на истата тема утре!, напиша Орбан.