👁️  19

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека Европската унија мора да се промени, а унгарското претседателство со ЕУ има за цел да биде „глас и катализатор за промени“.

Во своето обраќање пред Европскиот парламент во Стразбур, каде што ја презентираше унгарската програма, Орбан рече дека конкурентноста е најважниот елемент на промените, јави агенцијата МТИ.

Според него, работата на Унгарија е да укаже на проблемите и да изнесува предлози во интерес на мирот, безбедноста и просперитетот на ЕУ.

Во однос на проблемите со конкурентноста на ЕУ, Орбан рече дека економскиот раст на блокот во изминатите две децении постојано заостанува зад оној на САД и Кина и оти растот на продуктивноста е побавен од оној на нејзините конкуренти и оти нејзиниот удел во глобалната трговијата е намален.

– Бизнисите плаќаат два до три пати повеќе за електрична енергија отколку во САД, а цените на бензинот се четири до пет пати повисоки, додаде тој.

Орбан потсети дека Унгарија за прв пат претседаваше со Советот на Европската унија во 2011 година и оти ситуацијата во блокот денес е „многу потешка и посериозна“ од таа година, мислејќи на војните во Украина и на Блискиот Исток.

Фото: Х