👁️  26

Светската програма за храна соопшти дека годинава нема да може да обезбеди помош во храна за уште два милиони луѓе во Авганистан поради недостиг на пари.

Во април и мај, програмата мораше да ја намали помошта за околу осум милиони луѓе, а со новите два милиони, на вкупно 10 милиони луѓе ќе им биде одбиена помошта во храна.

Храна ќе биде обезбедена само за една петина од 15-те милиони Авганистанци на кои им е потребна помош, соопшти Агенцијата за храна на ОН.

– Поради загрижувачкото ниво на глад и неисхранетост, принудени сме да избираме помеѓу гладните и оние чии животи се загрозени од глад, оставајќи милиони семејства сами да се грижат за следниот оброк, изјави директорот на програмата за Авганистан Хсиао Веи Ли.

Тој додаде дека со малкуте ресурси што им останале не се во можност да им служат на сите кои се на работ на сиромаштија.

Иако ветија поумерено владеење, талибанците воведоа строги мерки откако ја презедоа власта во Авганистан.

Меѓу другото, на жените им е забрането да работат во невладини организации. Таа забрана во април беше проширена и на вработените во Обединетите нации.

Мерките дополнително ја изолираа земјата, која веќе беше во економска и хуманитарна криза.

Поради новото намалување на помошта, се проценува дека 1,4 милиони нови мајки и бремени жени и нивните деца ќе останат без специјална храна за да се спречи неисхранетост, соопштија ОН.

Се очекува во наредните месеци да има нагло зголемување на бројот на приеми во центрите за исхрана бидејќи децата ќе бидат се повеќе гладни.

Во текот на следните шест месеци, на програмата и се потребни една милијарда долари за помош на 21 милион луѓе.

Ова вклучува пари за донирање храна за заедниците кои ќе бидат отсечени за време на суровата авганистанска зима, се додава во соопштението.