Обединетите нации денеска повикаа на подобра координација меѓу хуманитарните групи за да се осигури дека малата количина на помош која сега влегува во Појасот Газа ги содржи најпотребните предмети.
УНРВА, агенцијата на ОН задолжена за помош на палестински бегалци, рече дека дел од храната доставена во Газа досега, како што се оризот и леќата, биле непрактични со оглед на намалената достапност на свежа вода и гориво.
– Дополнителен предизвик во многу ограничениот проток на залихи е тоа што навистина не ги добиваме најпотребните резерви за Газа, или најрелевантните, рече портпаролката на УНРВА, Тамара Алрифаи.
– Во една од пратките во последните неколку дена, добивме кутии со ориз и леќа, им рече таа на новинарите во ОН во Женева, преку видео-врска од јорданската престолнина Аман, каде што е седиштето на УНРВА. – Но, за луѓето да готват леќа и ориз, им требаат вода и гас. И затоа овие видови на залихи – иако се многу дарежливи и испратени со добра намера – не се многу употребливи во моментов, рече таа.
Алрифаи додаде дека пред 7 октомври, околу 500 камиони дневно влегувале во Газа од Израел и Египет, со мешавина од комерцијални стоки, храна, помош и гориво.
Но, само неколку десетици камиони кои превезуваат храна, лекови и вода влегоа во Газа преку Египет откако договорот со посредство на САД стапи во сила во саботата.
„Ќе треба да се подобриме како конзорциум од хуманитарци во испраќањето на многу експлицитни списоци на она што е најпотребно“, рече Алрифаи.
Таа истакна дека ќе бидат потребни предмети како што се душеци и ќебиња со наближување на зимата.