👁️  19

Предлог Законот за игри на среќа кој беше силно критикуван од здруженијата на приредувачите на игри на среќа и од европските политичари, веќе неколку месеци целосно исчезна од јавноста и заглави во некоја од фиоките во Собранието.

Темата повторно ја актуализираше порталот Плусинфо кој објави дека Владата на мала врата уште пред три месеци донела одлука која ќе има сериозни импликации врз организирањето на игри на среќа во земјава.

Под наслов „Одлука за одобрување на работењето на Управниот одбор на акционерското друштво за приредување игри на среќа, Државна Лотарија на Република Северна Македонија“ објавен во Службен весник на РСМ, бр. 124 од 14.6.2023 година, Владата всушност овозможи отпочнување на постапка за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа.

Како што пренесува порталот, оваа одлука која е потпишана од првиот заменик на претседателот на Владата на РСМ, Артан Груби го отвора и прашањето како постапката за основање на три нови друштва за приредување на интернет игри на среќа воопшто ќе се спроведува и дали и до кој степен зад неа се кријат лични интереси на владини функционери?

Имено, откако неодамна со потпис на Груби се донесе одлука за основање на ново државно претпријатие за игри на среќа, сега со нова одлука се отвора можност за отворање на три нови друштва за интернет игри на среќа?!  Чудно е како Владата одеднаш од „поборник“ против игрите на среќа станува главен партнер и овозможувач на нови и нови можности за обложување и коцкање, на целосно нетранспарентен и крајно сомнителен начин?

Според информациите објавени на порталот, согласно актуелниот Закон за игри на среќа, постоечките приредувачи на игри на среќа не се во можност да организираат игри на среќа преку интернет. Иако во Законот за игри на среќа се предвидени општите услови за приредување на интернет игри на среќа, Министерството за финансии повеќе од една деценија ги нема донесено подзаконските акти, без кои приредувачите на игри на среќа во пракса не можат да приредуваат игри на среќа преку интернет. Засега таа можност ја има само државната лотарија и е единствен приредувач на игри на среќа на интернет, но со целосно недоречен закон и начин на организирање.

Плусинфо пишува дека Владата пред една недела објавила повик кој е „скроен“ за да им се оневозможи учество на домашните компании, но и генерално според познавачите на проблематиката изобилува со небулозни услови со кои треба да се позанимаваат институциите.