👁️  1433

Државниот санитарен и здравствен инспекторат започнал вонреден инспекциски надзор во штипската болница откако беше објавен случајот со 25 годишното момече од Берово кое починало од сепса по дренирање на заб.

Директорката на СДЗИ Ирина Бухова за Сител го потврди случајот и вели дека екипи на инспекторатот веќе започнале со надзор во болницата но и во сите здравствени институции во кои било третирано момчето.

ДСЗИ иницира вонреден инспекциски надзор во Клиничката болница Штип за пациентот Ј.Д 25 години од Берово.

Од министерството за здравство велат дека веднаш бил инициран вонреден надзор. Директорот на Клиничката болница Штип Ален Ѓорѓиев побарал да се изготви комплетен извештај за начинот на третман на пациентот. По завршениот надзор ќе биле соопштени и детали за случајот.

Случајот за смртта на 25 годишното момче се прошири по социјалните мрежи откако негови блиски објавија сведоштво во кое велат дека поради лекарска грешка младиот беровчанец добил сепса и неговиот живот згаснал.

– Само во нашата држава, само со нашето здравство, само со нашите „професионални“ доктори во штипската болница може да се случи ова: Со 20 годишен сташ да направиш интервенција на заб и да ставиш еден обичен дрен наопаку. Па да предизвикаш сепса и пациентот да го пратиш дома со што предизвика на Ванчо животот да згасне на само 25 години.

Прашуваат дали некој конечно ќе одговара за сите случаи во штипската болница.

Хронологија на трагедијата

Од штипската болница изразија жалење и го објавија извештајот на лекарот кој го лекувал младиот беровчанец.

Според него Димовски прв пат на 14 август дошол во максило-фацијална хирургија во штипската болница со воспалена гнојна состојба на десната страна од вратот која според докторот потекнувала од забот.

Му дал инфузија, направена е ренген снимка и му бил изваден забот за да може да се врши дренажа.

По ова имало подобрување на состојбата и за три дена бил пуштен дома со уреден наод и препишана терапија.

И на контрола состојбата била уредна пишува во извештајот на докторот, но на 23 август во раните утрински часови Димовски со брза помош бил донесен во штипската болница во тешка состојба.

„Кардиоваскуларно нестабилен, фебрилен, со локален наод – крваво-гноева секреција од инцизиона рана на врат како и од устата. Итно внесен во операциона сала, интубиран и започната интервенција. Поради сериозноста на состојбата, итно е повикана помош од УК Максилофацијална хирургија. Оперативниот зафат е завршен околу 10 часот. Пациентот е сместен на Одделот за интензивно лекување поради септичната состојба и натамошна опсервација. Во раните утрински часови поради влошување на општата состојба, организиран е итен транспорт на КАРИЛ“ –тврди болницата во Штип.