Нова оставка: Блерант Рамадани се повлече од функцијата национален координатор за имплементација на нови технологии

Националниот координатор за имплементација на нови технологии Блерант Рамадани, кадар од крилото на Алијанса за Албанците на Аребен Тарвари, поднесе неотповиклива оставка од функцијата.

„Денес донесов одлука да се повлечам од функцијата Национален координатор за имплементација на нови технологии – одговорност која ја извршував со посветеност, интегритет и визија за развојот на нашата земја. Искажувам благодарност до Алијансата за Албанците за довербата, до Премиерот за укажаната можност, како и до сите институционални соработници и партнери за поддршката и професионализмот. Оставката не претставува крај, туку чекор на размислување и подготовка за нови предизвици. Останувам посветен да придонесувам таму каде што мојот ангажман може да донесе вредност, се наведува во пишаната изјава на Блерант Рамадани доставена до медиумите.

Освен лидерот на едно крило на Алијанса за Албанците и довчерашен министер за здравство, оставки поднесоа замениците-министри од редовите на партијата, Фљакрон Беџети од Земјоделие и Елфете Исмаили од Одбрана, како и Салим Сулејмани кој објави дека поднел оставка од сите функции во партијата, но и од функцијата пратеник во Собранието.