👁️  19

Вкупно 88 летови на аеродромот Шарлероа во Белгија беа откажани денес и утре поради штрајкот на пилотите на Rayanair незадоволни од работните услови, што е нивниот трет штрајк за еден месец.

Околу 15.000 патници кои треба да полетуваат и да слетаат во Шарлероа се погодени од ова социјално движење, соопшти управата на аеродромот за AFP.

Пилотите на Rayanair со седиште во Белгија веќе штрајкуваа за време на викендот на 15 и 16 јуни (откажани 120 летови) и за време на викендот на 29 и 30 јули (96 откажани летови).

На ирската авиокомпанија ѝ се замерува дека не го почитува колективниот договор според кој пилотите имаат право на одреден број на денови одмор во замена за намалувањето на платите на кое се согласија во 2020 година поради пандемијата на коронавирус.

Синдикатот на пилотите ја обвинува компанијата дека не го почитува белгискиот закон и дека работи на начин што создава нелојална конкуренција во однос на другите компании.

„Вработените се огорчени. Нашиот работодавец отворено вели дека нема да ги почитува законите и ни вели: Повлечете ги сите тужби, во спротивно ќе ви го продолжам работното време и нема да ги ускладам вашите плати со инфлацијата“, рече Дидје Леб, претставник на Синдикатот на вработените.

Компанијата, сепак, посочува дека повеќе од половина од сообраќајот на Rayanair во Шарлероа го обезбедуваат авионите на кои работат небелгиски персонал.

Синдикатите на белгиските пилоти треба да преговараат, а не да штрајкуваат, одговори Rayanair во јули, изразувајќи задоволство од договорот со нивните италијански, шпански и француски колеги за работни услови.